Исаија 19:11-17 MKB

11 Соанските кнезови се вистински безумници, мудрите фараонови советници советуваат неосновано; како се осмелувате да му речете на фараонот: „Ученик сум на мудреците, ученик на древните цареви?”

12 Па каде се твоите мудреци? Нека ти соопштат и нека ти откријат што намисли Господ над Воинствата со Египет.

13 Соанските кнезови се луди, мемфиските кнезови се измамени, тие го заведуваат Египет, главатарите на неговите племиња.

14 Господ влеа во нив зашеметен дух, па го заведуваат Египет во секое негово дејство, за да тетерави како пијаница кога блува.

15 Во Египет не ќе може веќе да успее ништо од она што го прават главата и опашката, палмата и трската.

16 Во оној ден Египетците ќе станат како жени, ќе треперат и ќе се бојат од замавнувањето на раката на Господа над Воинствата, со која ќе замавне врз нив.

17 Јудината Земја ќе биде ужас за Египет; кога ќе си спомни за неа, ќе го опфати страв заради она што Господ над Војските намисли против него.