Исаија 25:6-12 MKB

6 И Господ над Воинствата ќе им приготви на сите народи на оваа гора гозба од мрсно месо, гозба со чисто вино, од сочна згуснетост, од стаено вино.

7 На оваа гора Тој ќе ја скине завесата која ги покриваше сите народи, покривката што ги покриваше сите племиња,

8 и ќе ја уништи смртта засекогаш. И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице - ќе го симне срамот на Својот народ од целата земја: Господ рече така.

9 И ќе се рече во оној ден: „Ете, Овој е нашиот Бог, во Него се надеваме, Тој нè спаси; Тој е Господ во Кого се надевавме! Да Му воскликнуваме и да се веселиме на Неговото спасение.”

10 Зашто Господовата рака почива на оваа гора! Моав е изгазен на своето место како што се гази слама на буниште.

11 Таму Тој размавнува со рацете, како што ги размавнува пливачот кога плива. Но Господ ја оборува неговата горделивост и кревањата на неговите раце.

12 Високата тврдина на твоите ѕидови Тој ја разурнува, ја фрла на земја, ја руши во прав.