Исаија 28:12-18 MKB

12 Тој ми рече: „Еве починка, оставете го заморениот да почине! Еве одмор!” Но не сакаа да послушаат.

13 Затоа Господ ќе им зборува вака: „ Заповед на заповед, заповед на заповед, правило на правило, правило на правило малку тука, малку таму.” За да паднат задничкум одејќи, за да се скршат, да се сплеткаат и да се фатат.

14 Затоа чујте го Господовото слово, вие потсмевачи, вие што владеете со овој народ, што е во Ерусалим.

15 Вие велите: „Склучивме сојуз со смртта и направивме спогодба со Подземјето. Кога ќе помине разурнувачкиот бич, не, нема да нè фатат, зашто од лагата си направивме засолниште и од измамата скривалиште.”

16 Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, поставувам одбран камен на Сион, скапоцен камен аголен, основник. Оној кој верува во него, не ќе пропадне.

17 И ќе ја земам правината за мерка, а правдата за мерилка.” И градот ќе ви го смете засолништето од лагата, а водата ќе ви го наводни скривалиштето;

18 ќе пропадне вашиот сојуз со смртта, вашата спогодба со Подземјето не ќе се додржи. Кога ќе помине разурнувачкиот бич, ќе ве сотре;