9 Станете, небрежни жени, слушајте го мојот глас; лесноумни ќерки, чујте ја мојата беседа.
10 За една година и неколку дена ќе треперите, лесноумници, зашто ќе нема гроздобер, не ќе се берат плодови.
11 Треперете, вие безгрижни, смутете се, лесноумни, соблечете се, разголете се, опашете вреќиште околу бедрата!
12 Удирајте се по градите заради прекрасните полиња, заради плодните лозја;
13 заради нивите на Мојот народ, што раѓаат трња и трништа; заради сите весели куќи, на разиграниот град.
14 Зашто, дворецот ќе биде напуштен, ќе запустее бучниот град; тврдината и стражарницата ќе станат пештера довека - ќе им бидат радост на дивите ослици, пасиште на стадата,
15 додека не се излее врз вас Духот од висините. Тогаш пустината ќе стане овошник, а овошната градина ќе се претвори во гора.