Исаија 34:9-15 MKB

9 Неговите потоци се претворуваат во смола, неговиот прав во сулфур, и неговата земја ќе стане пламната смола.

10 Ни дење ни ноќе не ќе угасне, димот ќе и се дига довека, ќе остане пуста од колено до колено, во веки векови, никој не ќе поминува низ неа.

11 Ежот и чапјата ќе ја заземат, бувот и гавранот ќе престојуваат во неа. Ќе оптегне над неа јаже на запустеност и висулец на испразнување.

12 Не ќе ги има веќе нејзините благородници, таму веќе не ќе бидат прогласувани цареви, сите кнезови ќе и бидат уништени.

13 Ќе никне трње во нејзините дворци, коприва и капина во тврдините, таа ќе биде дувло на чакали, легло на ноеви.

14 Таму ќе се среќаваат дивите мачки со хиените, јарците ќе се повикуваат еден друг; таму ќе се одморува Лилит - ноќно привидение - наоѓајќи почивалиште.

15 Таму ќе се гнезди змија, ќе снесува јајца, ќе лежи на нив, ќе ги извади во твојата сенка; таму ќе слетуваат јастребите еден по друг.