6 Ете, се потпираш на Египет, на скршената трска што продрува и ја продупчува дланката на оној кој ќе се потпре на неа.
7 Можеби ќе ми одговорите: ‘Се надеваме во Господа, својот Бог.’ Но нели Езекија и Нему Му ги отстрани високите места, жртвениците и им заповеда на Јудејците и на Ерусалим: ‘Поклонувајте се само пред овој жртвеник!’”‘
8 И така, обложи се со мојот господар, асирскиот цар: ќе ти дадам две илјади коњи ако можеш да најдеш јавачи за нив.
9 Како ќе му дадеш отпор тогаш на еден единствен од најмалите слуги на мојот господар? Но ти се надеваш во Египет дека ќе ти даде коли и коњаници!
10 Најпосле, зар јас тргнав, без оглед на Божјата волја, тргнав против оваа земја за да ја разурнам? Самиот Господ ми рече: ‘Оди против таа земја и разурни ја!’”
11 Елијаким, Сомна и Јоах му рекоа на големиот виноцрпец: „Те молиме, зборувај им арамејски на своите слуги, зашто ние разбираме; не зборувај со нас на јудејски да не чуе народот што е на ѕидовите.”
12 Но големиот виноцрпец им одговори: „Зар мојот господар ме испрати да ви го речам ова на твојот господар и тебе, а не токму на оние луѓе кои седат на ѕидовите, осудени со вас да ја јадат својата нечистота и да ја пијат својата моч?”