16 Ливан е мал за огнена клада, а неговите ѕверови нема достатно за паленица.
17 Сите народи се како ништо пред Него, за Него се ништо и празнина.
18 Со кого ќе Го уподобите Бога? И со каков лик ќе Го споредите?
19 Леачот лее кип, златарот го позлатува и одлева веришки од сребро.
20 Бедниот за принос бира дрво што не гние и бара вешт уметник за да му направи неподвижен кип.
21 Зар не знаете? Зар не сте чуле? Не ли ви е откриено од старини? Зар не сфативте кој ја основа земјата?
22 Тој престолува над земниот круг, жителите се како скакулците пред Него. Како завеса ги простре небесата, ги оптегна како шатор за живеење.