Исаија 41:7-13 MKB

7 Леарот го насрчува златарот, тој кој кове со чекан го бодри оној кој удира на наковалната. Тој зборува за спојувањето: „Добро е”, и со клинци го зацврстува кипот за да не се помрднува.

8 „Ти, Израелу, слуго Мој, Јакове, кого го избрав, потомок на Авраама, Мојот љубимец!

9 Ти, кого го зедов од краиштата на земјата, и го повикав од нејзините рабови, ти кому реков: ‘Ти си Мој слуга, те избрав и не те отфрлив.’

10 Не бој се, зашто Јас Сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твој Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница.

11 Ете, ќе се засрамат и ќе се смутат, сите кои беснееја на тебе, ќе бидат уништени и ќе пропаднат оние кои се спореа со тебе!

12 Ќе ги бараш твоите противници, но не ќе ги најдеш. Ќе бидат уништени, како да не постоеле оние кои војуваат против тебе.

13 Зашто Јас, Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница и ти велам: ‘Не бој се, Јас ти помагам.’