Исаија 42:11-17 MKB

11 Нека кренат глас пустината и нејзините градови, нека извикаат населбите каде што живеат Кидарците! Нека подвикнуваат жителите на Стената, нека воскликнуваат од горските врвови!

12 Нека Му даваат слава на Господа и нека му ја возвестуваат фалбата по островите!

13 Господ излегува како Јунак, како војник ја поттикнува својата жар. Со борбен извик и со воена викотница оди јуначки на Својот непријател.

14 „Молчев долго, бев тивок, се воздржував; сега викам како жена кога раѓа, збивам и воздивнувам.

15 Ќе ги запустам планините и бреговите, ќе го исушам сето зелено во нив, реките ќе ги претворам во степи и ќе ги исушам езерата.

16 Ќе ги водам слепците по патиштата, ќе ги упатам по патеките. Пред нив ќе ја обрнам темнината во светлина, а нерамната почва во рамна. Тоа ќе го направам и нема да ги оставам.

17 Ќе се вратат назад во голем срам оние што се надеваат на идоли, кои им зборуваат на леаните ликови: ‘Вие сте наши богови.’