Исаија 45:1-7 MKB

1 „Господ зборува вака за Кир, за Својот помазаник: ‘Го примив за десница, за да ги покорам пред него народите и да им го распашам бедрото на царевите, за да ги отворам вратите пред него, па ниедна врата да не му биде затворена.

2 Јас ќе одам пред Тебе за да ги израмнам високите места, за да ги разбијам бронзените врати, за да ги скршам железните лостови.

3 Ти давам тајни сокровишта и скриени богатства, за да сознаеш дека Јас Сум Господ, Кој те повикувам по име, Израелевиот Бог.

4 Заради Својот слуга Јаков и Израел, Својот избраник, Јас те повикав по име, те именував иако не Ме знаеше.

5 Јас Сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене. Иако не Ме познаваш, те вооружав:

6 нека се знае од исток до запад дека сè вон Мене е ништавило. Јас Сум Господ и нема друг;

7 Јас ја творам светлината и ја создавам темнината. Јас ја создавам среќата и ја доведувам бедата, Јас, Господ, го правам сè тоа.’