Исаија 45:14-20 MKB

14 Господ зборува вака: „Трудот на Египет и трговијата на Етиопија, и Савците, луѓе со висок раст, ќе пребегнат при тебе и ќе бидат твои; ќе идат по тебе оковани, ќе ти се клањаат тебе и ќе ти се молат: ‘Бог е единствено кај тебе, нема друг.’”

15 Навистина Ти си скриен Бог, Израелев Бог, Спасител.

16 Ќе се засрамат и ќе се збунат сите заедно, ќе си отидат засрамени, оние кои прават кипови.

17 А Господ ќе го спаси Израел со вечно спасение. Нема да се засрамите и не ќе се смутите довека.

18 Да, вака зборува Господ, Творецот на небесата - Тој е Бог - Кој ја вообличи и ја создаде земјата, Кој ја зацврсти и не ја создаде пуста, туку ја вообличи за живеење: „Јас Сум Господ и нема друг.

19 Не говорев во тајност, во катчето на мрачната земја. Не му реков на Јакововото потомство: ‘Барајте Ме напразно.’ Јас, Господ, зборувам правда ја откривам вистината.

20 Соберете се и дојдете, пристапите заедно, сите преживеани од народот! Вистински неуки се оние што носат кип изработен од дрво и кои молат бог што не може да ги спаси.