Исаија 45:5-11 MKB

5 Јас Сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене. Иако не Ме познаваш, те вооружав:

6 нека се знае од исток до запад дека сè вон Мене е ништавило. Јас Сум Господ и нема друг;

7 Јас ја творам светлината и ја создавам темнината. Јас ја создавам среќата и ја доведувам бедата, Јас, Господ, го правам сè тоа.’

8 Росете, небеса, одозгора, и облаци, дождете со праведност. Нека се раствори земјата за да процвета спасението, за да изникне избавувањето! Јас, Господ, создавам сè.

9 Тешко му на оној кој се расправа со својот Творец, а е сад меѓу глинени садови? Дали му вели глината на грнчарот: ‘Што правиш?’ или неговото дело: ‘Нема раце!’

10 Тешко му на оној кој ќе му рече на таткото: ‘Зошто раѓаш?’ Или на жената: ‘Што си дала на свет?’”

11 Вака зборува Господ, Израелевиот Светец, неговиот Творец: „Зар е ваше да Ме прашувате за Моите деца, и да Ми заповедате за делото на Моите раце?