Исаија 47:6-12 MKB

6 Се разгневив на Својот народ, го запустив Своето наследство. Ти ги предадов тебе во рацете, а ти не им искажа милост. На старците го ставаше своето претешко бреме.

7 Зборуваше: ‘Довека ќе останам господарка.’ Никогаш тоа не го зеде на срце, ниту помисли како ќе заврши.

8 А сега послушај, развратнице, која седиш безгрижно и во своето срце говориш: ‘Јас и никој друг! Никогаш не ќе овдовеам, не ќе ги изгубам децата!’

9 Двете нешта ќе те стигнат, во миг, во ист ден! Ќе ги изгубиш децата, ќе овдовееш! Со полна мерка ќе те најдат двете нешта покрај сето твое вражање и мноштво на твоите проклетства!

10 Се надеваше во своето зло, зборуваше: ‘Никој не ме гледа!’ Твојата мудрост и знаењето те заведоа. Во своето срце велеше: ‘Јас и никој друг!’

11 Зло ќе те најде - не ќе го пресретнеш, несреќата ќе се нафрли врз тебе - нема да ја одвратиш; пропаста ќе дојде одненадеж врз тебе, нема да ја предвидиш.

12 И така, запри со своите вражања и со толкуте свои баења, околу кои се трудеше од младоста. Ако можат да ти бидат од полза? Ако можеш со нив да предизвикаш страв?