Исаија 48:14-20 MKB

14 Соберете ги сите и чујте: кој од нив го прорече тоа? Оној кого го љуби Господ ќе ја исполни Мојата волја над Вавилон и над потомството на Халдејците.

15 Јас реков и го повикав, го водев и му помогнав на наумот.

16 Пристапете кон Мене и чујте го ова: Од почеток не ви зборував тајно, и кога се збиднуваше, бев таму. - А сега Господ Господ ме испраќа со Својот Дух.”

17 Вака зборува Господ, твојот Искупител, Израелевиот Светец: „Јас Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш.

18 О, да внимаваше на Моите заповеди, твојот мир ќе беше како река, а твојата правда како морски бранови!

19 Твоето потомство ќе беше како песок, а породот на твојата утроба како неговите зрнца! Никогаш твоето име не ќе се сотреше, ниту ќе се избришеше пред Мене!”

20 Излезете од Вавилон, бегајте од Халдеја! Воскликнувајќи гласно, кажувајте, проповедајте, разгласете до крајот на земјата! Говорете: „Господ го откупи Својот слуга Јакова!”