Исаија 49:1-7 MKB

1 „Чујте ме, острови, слушајте внимателно, далечни народи! Господ ме повика од мајчиното крило, уште од утробата на мојата мајка го спомна моето име.

2 Од мојата уста направи остар меч, ме скри во сенката на Својата рака, од мене направи остра стрела, ме засолна во Својот тул.

3 Ми рече: ‘Ти си Мој слуга, Израеле, во кого ќе се прославам!’

4 А јас реков: ‘Напразно се измачував, за ништо ја напрегнував силата. Сепак, моето право е во Господа, мојата награда е кај мојот Бог.’”

5 „А сега зборува Господ, кој уште од утробата ме направи Свој Слуга, за да му го вратам назад Јакова, за да се собере Израел. Се прославив во Господовите очи, мојот Бог ми беше сила.

6 И ми рече: ‘Премалку е да Ми бидеш слуга, за да ги подигнеш Јакововите племиња и за да го вратиш Израелевиот Остаток, но ќе те поставам за светлина на народите, за да го донесеш Моето спасение до крајот на земјата.’”

7 Вака зборува Господ, Израелевиот Искупител, неговиот Светец, на оној кого го презираат и го отфрлаат народите, на силниот слуга: „Кога ќе видат, ќе се кренат царевите, ќе се фрлат ничкум кнезовите, заради Господа, Кој ја покажа Својата верност, Израелевиот Светец, Кој те избра.”