Исаија 49:16-22 MKB

16 Ете, те врезав во Своите дланки, твоите ѕидови секогаш Ми се пред очите.

17 Твоите обновувачи итаат, твоите разурнувачи и запустувачи си одат од тебе.

18 Обѕрни се околу себе и погледај: сите се собираат и доаѓаат кон тебе. Жив Сум - слово е Господово - со сите нив ќе се облечеш како со накит, и ќе се украсиш со нив како невеста!

19 Да, твоите урнатини, твоите запустености и твојата запустена земја ќе бидат претесни за твоите жители, кога ќе се оддалечат оние што ја уништуваа.

20 Пак ќе ти речат во твоите уши синовите, од кои беше лишена: ‘Претесно ми е ова место, мрдни се за да можам да се сместам.’

21 И ти ќе се запрашаш во своето срце: ‘Кој ми ги роди сите овие? Бев без деца, неплодна, протерана и отфрлена, па кој ги гледаше? Ете, бев останата сама, а тие каде беа?’”

22 Господ, Господ зборува вака: „Еве, ви давам знак со рака на народите и го кревам Своето знаме пред племињата. Ќе ти ги вратам синовите во прегратка, ќе ти ги носам ќерките на плеќи.