1 Ќе му ја запеам на својот возљубен, песната на мојот љубен, на неговото лозје: Мојот љубен имаше лозје на плодно ритче.
2 Го ископа, ги исчисти камењата, го засади со благородна лоза. Среде него тој изгради стражарница, и стави пивница во него. Се надеваше дека ќе роди добро грозје, но тоа роди диво грозје.
3 „Сега ерусалимски жители и луѓе Јудејци, пресудете меѓу Мене и Моето лозје.
4 Што можев уште да направам за Своето лозје па што веќе не го направив? Се надевав дека ќе роди добро грозје, а ете, роди кисело грозје?
5 Но, сега ќе ви кажам што ќе направам од Своето лозје: ќе му го отстранам плетот, за да го опустат, ќе го разурнам ѕиданото, за да го изгазат.