Исаија 50:1-7 MKB

1 Господ говори вака: „Каде е разводното писмо на вашата мајка, со кое ја отпуштив? Или кој е тој од Моите заемодавци кому ве продадов? Заради своите беззаконија сте пропадени, заради невера е отпуштена вашата мајка.

2 Зошто не најдов никого кога дојдов? Зошто не се одѕва никој кога повикав? Зар ми е раката прекуса за да избавам, или нема сила во Мене за да ослободам? Ете, со Својата закана го пресушувам морето, реките ги претворам во пустина; нивните риби се распаѓаат зашто нема вода, и гинат од жед.

3 Ги облекувам небесата во темнина и им давам вреќиште за покривка!”

4 „Господ Господ ми даде вешт јазик за да знам да ги закрепнувам уморните со зборови. Секое утро Тој ми го буди увото за да го чујам како учениците.

5 Господ Бог ми ги отвори ушите: Не се противев, ниту се повлекував.

6 Им го подметнав грбот на оние кои ме удираа, а образите на оние што ми ја кубеа брадата, и своето лице не го скрив од навредите и од плукањето.

7 Господ Бог ми помогна, затоа не ќе се збунам. Затоа го направив својот образ како кремен, и знам дека нема да се засрамам.