Исаија 55:6-12 MKB

6 Барајте Го Господа додека може да се најде, повикувајте Го додека е близу!

7 Безбожникот нека го остави својот пат, а неправедникот своите замисли. Нека се врати при Господа, Кој ќе му се смилува, кон нашиот Бог, зашто Тој ќе го умножи опростувањето.

8 „Зашто вашите мисли не се Мои мисли, и Моите патишта не се ваши патишта,” слово е Господово.

9 „Небото е високо над земјата, така Моите патишта се над вашите патишта, и Моите мисли над вашите мисли.

10 Како што паѓа дожд и снег од небото непрекинато додека земјата не се напои, не се оплоди и не се зазеленее, за да му даде семе на сејачот и леб за јадење,

11 така Словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив.

12 Да, ќе отидете со радост, и ќе бидете водени со мир. Горите и брдата ќе воскликнуваат од радост пред вас, и сите дрва во полето ќе плескаат.