Исаија 57:5-11 MKB

5 Вие, кои се распалувате меѓу дабовите, под секое зелено дрво, жртвувајќи деца во долините и во расцепнатините на стените!

6 Твојот дел е меѓу поточните каменчиња, тие, тие се твое наследство. Ним им ја излеваш налевницата, ним им принесуваш дарови! Зар да се утешам Јас со тоа?

7 На висока издигната планина си го поставила своето легло, и си се искачила онаму за да принесуваш жртва.

8 Зад вратите и зад довратниците си го поставила својот спомен; далеку од Мене го откриваш своето легло, се искачуваш на него и го шириш. Си се договарала со оние со кои сакаше да лежиш, сè повеќе блудничеше со нив, гледајќи го местото.

9 Со масло трчаш по царот, со многу мирисливи масти, далеку ги испрати своите гласници, се понижи до Подземјето.

10 Исцрпена си од толкави скитања, но не рече: ‘Безнадежно е!’ Наново ја најде својата сила, па не си папсала.

11 Кога си се уплашила и боела зошто си изневерила, дека Мене веќе не си Ме спомнувала, ниту си Ме чувала во срцето? Молчев, ги затворав очите, затоа не се боеше од Мене.