Исаија 58:4-10 MKB

4 Ете, вие постите за да се препирате и за да се карате и за да ги биете бедните со тупаницата. Не постете веќе како денес, и ќе ви се чуе гласот во висината!

5 Зар Мене Ми е по волја таков пост во денот кога човекот се измачува? Да се наведнува главата кон земјата како трска, да се постила под себе вреќиште и пепел, сакаш ли тоа да го наречеш пост и ден угоден на Господа?

6 Ова е пост што Ми е по волјата: да ги кинеш неправедните окови, да ги разврзеш врските на јаремот, да ги пуштиш на слобода угнетуваните, да ги скршиш сите окови;

7 Да го поделиш својот леб со гладните, да ги воведеш под својот покрив бескуќниците, да го облечеш оној што ќе го видиш гол, и да не се криеш од оној, кој е од твојата крв.

8 Тогаш ќе светне како зората твојата светлина и твоето здравје ќе процвета бргу. Твојата правда ќе оди пред тебе, а Господовата слава ќе ти биде заштитница.

9 Ако викнеш, Господ ќе ти одговори, кога ќе извикаш, ќе рече: ‘Еве Ме!’ Ако ги отстраниш од својата средина јаремот, испружениот прст и безбожната беседа,

10 ако му дадеш леб на гладниот, ако го наситиш угнетуваниот, твојата светлина ќе засвети во темнината, и твојата темнина ќе стане како пладне.