8 Тогаш ќе светне како зората твојата светлина и твоето здравје ќе процвета бргу. Твојата правда ќе оди пред тебе, а Господовата слава ќе ти биде заштитница.
9 Ако викнеш, Господ ќе ти одговори, кога ќе извикаш, ќе рече: ‘Еве Ме!’ Ако ги отстраниш од својата средина јаремот, испружениот прст и безбожната беседа,
10 ако му дадеш леб на гладниот, ако го наситиш угнетуваниот, твојата светлина ќе засвети во темнината, и твојата темнина ќе стане како пладне.
11 Господ ќе те води непрекратно, ќе те сити во сушни краишта. Тој ќе ги закрепнува твоите коски, и ќе бидеш како напоена градина, како кладенец, чија вода никогаш не пресушува.
12 И ти ќе градиш врз старите урнатини, ќе ги подигнеш основите на идните поколенија. Ќе те викаат поправач на урнатините и обновител на патиштата до населбите.
13 Ако ја воздржиш ногата за да не ја изгазиш саботата, и да не вршиш работи во светиот ден; наречеш ли ја саботата милина и чесен денот посветен на Господа; почитуваш ли го откажувајќи се од пат, од занимање со работа и од празни зборувања -
14 тогаш ќе ја најдеш својата радост во Господа, и Јас ќе те изведам по земните височини, ќе ти дадам да уживаш во наследството на твојот татко Јаков, зашто Господовата уста зборуваше.”