Исаија 60:7-13 MKB

7 Сите кидарски стада ќе се соберат во тебе, наваотските овнови ќе ти бидат за служба. Ќе се искачуваат, како угодна жртва, на Мојот жртвеник, ќе го прославам Домот на Мојата Слава!

8 Кои се оние што треперат во воздухот како облаци, како гулаби на своите прозорци?

9 Да, Мене Ме чекаат островите, а тарсиските кораби се пред нив, за да ги доведат твоите синови од далеку, а со нив нивното сребро и злато, заради Името на Господа, твојот Бог, заради Израелевиот Светец, Кој те прослави.

10 Странци ќе ги обноват твоите ѕидови, и нивните цареви ќе ти служат. Јас те удрив во Својот гнев, но пак ти се смилував со Својата наклоност.

11 Твојата врата ќе биде отворена секогаш, не ќе се затвора ни дење ни ноќе, за да ги пропушти кон тебе богатствата на народите, со царевите кои ги водат.

12 Зашто ќе пропаднат народот и царството што не ќе сака да ти служи, и тие народи ќе се сотрат сосем.

13 Славата на Ливан ќе дојде при тебе, чемпресите, јаворите и брезите заедно, за да го украсат просторот на Моето Светилиште, ќе го прослават Моето подножје!