Исаија 65:14-20 MKB

14 Еве, Моите слуги ќе се радуваат, од среќа во срцето, а вие ќе викате од болка во срцето, и ќе пиштите со скрушен дух.

15 Своето име ќе им го оставите за клетва на Моите избраници: ‘Така ќе те убие Господ!’ А Своите слуги Тој ќе ги вика со друго име.

16 Кој ќе се благословува во земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог. И кој ќе се колне во земјата, нека се заколнува во верниот Бог. Зашто поранешните неволји ќе бидат заборавени, ќе бидат скриени од Моите очи.

17 Зашто, еве, Јас создавам нова небеса и нова земја. Поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум.

18 Веселете се и воскликнувајте довека заради она што Јас создавам; зашто, еве, од Ерусалим создавам воскликнување, од неговиот народ радост.

19 И ќе воскликнувам над Ерусалим, ќе се радувам над Својот народ. Во него веќе не ќе се чуе ни плач ни ридање.

20 Во него веќе не ќе има новороденче кое ќе живее малку денови, ни старец кој не би ги исполнил своите години: најмладиот ќе умре како стогодишник, а кој не ќе доживее сто години ќе биде сметан за проклет.