Исаија 65:20-25 MKB

20 Во него веќе не ќе има новороденче кое ќе живее малку денови, ни старец кој не би ги исполнил своите години: најмладиот ќе умре како стогодишник, а кој не ќе доживее сто години ќе биде сметан за проклет.

21 Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод.

22 Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце.

23 Не ќе се измачуваат напразно и не ќе раѓаат за прерана смрт, зашто тие со своите потомци ќе бидат род на Господовите благословеници.

24 Пред да Ме призоват, Јас ќе им одговорам; уште ќе зборуваат, а Јас веќе ќе ги послушам.

25 Волкот и јагнето ќе пасат заедно, лавот ќе јаде слама како говедото; но змијата ќе се храни со прав. Никој не ќе прави зло ни штета на целата Моја Света Гора, „ говори Господ.