1 Зошто, Господи, стоиш далеку, зошто се криеш во време на неволја?
2 Од гордоста на нечесните се измачуваат бедните; нека се фатат во сплетките што ги замислија.
3 Безбожникот се фали со желбите на својата душа; среброљубецот се одречува од Господа и Го презира.
4 Безбожникот вели во својата гордост: не, нема истраги! Па нема ни Бог! Такво е неговото мислење.
5 Неговите патишта секогаш се опаки; на Твоите судови тој и не мисли; ги презира сите свои противници.
6 Во своето срце вели: „Нема да се расколебам! Нема да бидам несреќен - од род во род.”
7 Устата му е полна со клетви, итрини и измами, под неговиот јазик има злоба и гибел.
8 Седи во заседа, покрај оградите во селата, потајно го убива невиниот, со очите го демне бедниот.
9 Седи во засолниште, како лав во пештера, демне да го ограби сиромашниот и да го вовлече во својата мрежа.
10 Се притајува, прилегнува, и беспомошните паѓаат под неговата сила.
11 Во своето срце вели: „Бог заборави, го крие Своето лице и нема да види никого.”
12 Стани, Господи Боже, крени ја Својата рака! Не заборавај ги бедните!
13 Зошто безбожникот Го презира Бога? Тој вели во своето срце: „Нема да води истрага.”
14 Ти виде, зашто ги гледаш неправдите и маките, и ги мериш во раката. Бедниот Ти се доверува Тебе, Ти си му помошник на сирачето.
15 Сотри му ја мишката на нечестивиот, и на злотворот, казни му го лукавството, за да не биде повеќе.
16 Господ е Цар, секогаш, низ вековите, ќе ги снема народите од Неговата земја.
17 Господи, Ти ги слушаш желбите на кротките; зајакни им ги срцата; отвори го Своето уво:
18 да го заштитиш правото на сирачето и угнетуваниот, така што човекот, кој е од земја, да не застрашува веќе.