1 За началник на пејачи: Једутун. Давидов псалм. Одлучив: „Ќе го чувам мојот пат, за да не згрешам со јазикот; ќе ја зауздам мојата уста, додека е нечестивиот пред мене!”
2 Онемев, замолкнав, не пуштав глас дури и од доброто - болката ми стана погорчлива.
3 Срцето пламна во мене, при сама помисла избувнуваше оган; тогаш проговорив со мојот јазик!
4 Кажи ми го, Господи, мојот крај, и колкав е бројот на моите денови, за да знам колку сум ништожен.
5 Ете, со педа ми ги измери деновите, и векот мој е како ништо пред Тебе; вистина, секој човек што стои цврсто е суета.
6 Човекот поминува како сенка, суета е сето негово богатство, збира, а не знае кој ќе го земе!
7 А сега, на што да се надевам, Господи? Мојата надеж е во Тебе!
8 Избави ме од сите мои беззаконија, не оставај да му бидам за потсмев на безумниот!
9 Молчам и не ја отворам устата, зашто Ти направи така!
10 Отстрани го од мене Твојот бич, зашто издивнувам под тежината на Твојата рака.
11 Ти го поправаш човекот со казна, и сè што му е најмило го расипуваш како молец; навистина, секој човек е суетен.
12 Послушај ја, о Господи, мојата молитва, послушај ги моите повици, не премолчувај на моите солзи! Зашто сум придојденец кај Тебе, како сите мои татковци.
13 Сврти го погледот од мене, да здивнам, пред да заминам и да ме нема.