Псалми 132 MKB

1 Песна на воздигање. Спомни си, о Господи, за Давида и за сите негови тешкотии;

2 како Му се заколна на Господа, му се заветува на Јакововиот Силен.

3 „Не ќе влезам во шаторот на мојот дом, ниту ќе легнам во леглото на мојата постела;

4 ниту ќе им дадам сон на очите, ниту одмор на моите клепки,

5 додека не Му најдам место на Господа, живеалиште на Силниот Јаковов.”

6 Ете, чувме за Него во Ефрат, го најдовме во Јарските Полиња.

7 Да влеземе во Неговото живеалиште, да се поклониме пред Неговите нозе!

8 Стани, о Господи, тргни кон Своето почивалиште, Ти и ковчегот на Твојата Сила!

9 Твоите свештеници нека се облечат во праведност, Твоите свети нека воскликнуваат радосно!

10 Заради Давида, Твојот слуга, не свртувај го лицето од Твојот помазаник!

11 Господ му се заколна на Давида, со цврста заклетва од која нема да отстапи: „Потомок од Твојот род ќе го положам на Твојот престол.

12 Ако твоите синови ги пазат Мојот Завет и наредбите на кои ги учам, нивните синови, довека, ќе седат на Твојот престол!”

13 Зашто Господ го избра Сион, го посака него за Свое седиште.

14 „Ова ми е вечно почивалиште, ќе престојувам тука, зашто така посакав.

15 Ќе ја благословувам нејзината храна, ќе и ги нахранам бедните со леб.

16 Ќе ги облечам во спасение нејзините свештеници, нејзините свети ќе воскликнуваат радосно.

17 Ќе направам таму да изникне рог за Давида, ќе ја подготвам светилката за Мојот помазаник.

18 Ќе ги облечам неговите непријатели со срам, а врз него ќе блеска Мојот венец.”