1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Песна. Нека се крене Бог! Нека се разбегаат Неговите непријатели, нека избегаат пред Него сите Негови мразители!
2 Како што исчезнува димот, нека ги снема и нив! Како што се топи восокот врз оган, така нека ги снема грешниците пред Божјото лице!
3 Нека се радуваат праведните, нека Му пеат на Бога, нека воскликнуваат од радост.
4 Пејте на Бога, славете го Неговото име! Порамнете го патот на Оној, Кој оди низ пустината, чие име е Господ - и радувајте се пред Него!
5 Татко на сирачињата, бранител на вдовиците, Бог е во Своето свето Живеалиште.
6 Бог ќе ги настани осамените во семејства, на затворениците ќе им даде среќна слобода: само бунтовниците останаа во безводната пустина.
7 Боже, кога чекореше пред Својот народ, додека поминуваше низ пустината,
8 земјата се тресеше, небото росеше пред Бога, Синај трепереше пред Бога, Израелевиот Бог.
9 Боже, Ти испрати благословен дожд на Своето наследство, го зајакна кога беше уморно.
10 Твоето стадо се насели во него, со добрина Боже, Ти го подготви за сиромашниот.
11 Господ даде слово: големо е мноштвото на радосните известители:
12 Царевите на војските бегаат и бегаат, домаќинките го разделуваат запленетото.
13 Додека вие се одморувавте меѓу стадата, крилата на гулабицата заблистаа со сребро, а нејзиното перје со жолтикаво злато:
14 таму Сèмоќниот ги разбиваше царевите, а таа заблеска како снег на Селмон.
15 Божја планина е Васанската планина; високата Гора, е Васанска Гора.
16 Зошто вие, врвлести планини, гледате со завист на гората, каде Бог благоволи да живее? Господ ќе престојува на неа секогаш!
17 Божјите воени коли се безбројни, илјадници илјади: Господ доаѓа од Синај во Своето Светилиште!
18 Издигајќи се на височина, водејќи ги заробениците, Ти доби дарови меѓу луѓето, а и меѓу бунтовниците - за да се настаниш таму Господе Боже!
19 Благословен да е Бог од ден на ден, Бог нè носи, нашиот Спасител.
20 Нашиот Бог е Бог Кој спасува, Господ избавува од смрт.
21 Навистина, Бог ќе ги скрши главите на Своите непријатели, влакнестото теме на оној, што оди во гревови.
22 Господ рече: „Ќе ги доведам од Васан, ќе ги доведам од длабочината на морето,
23 за да ја капеш ногата во крв, за да имаат јазиците на твоите кучиња дел од непријателот.
24 Боже, го гледаат влегувањето, влегувањето на мојот Бог и Цар во Светилиштето:
25 Напред пеачи, по нив свирачи, во средина - девици со даириња.
26 „Славете Го Бога на свечени собранија, славете Го Бога, Израелеви синови!”
27 Најмладиот, Венијамин, ги предводува, кој оди пред нив, таму се Јудините кнезови со своите чети, Завулоновите кнезови и Нефталимовите кнезови.
28 Боже, покажи ја Својата сила, силата, Боже, со која се бориш за нас
29 од Својот Храм во Ерусалим! Нека Ти носат царевите дарови!
30 Скроти го ѕверот во трската, стадо бикови со телиња на народите! Нека се опростат пред Тебе со сребрените жезли: распрсни ги народите, кои ја сакаат војната!
31 Нека дојдат големците од Египет, Етиопија нека Му пружи рака на Бога!
32 Сите царства на светот пејте Му на Бога, славете Го Господа,
33 Кој се вози по небото, по исконското небо! Чуј, грми со гласот, со Својот силен глас:
34 „Признајте ја Божјата сила!” Неговото величество над Израел, Неговата сила во облаците!
35 Страшен е Бог од Своето Светилиште. Израелевиот Бог му дава моќ и сила на Својот народ. Благословен да е Бог!