1 Алилуја! Фалете Го Господа, зашто е благ! Зашто е вечна Неговата милост!
2 Кој може да ги искаже Господовите моќни дела? Кој ли ќе Му ги разгласи сите Негови пофалби?
3 Блажени се оние, кои ги држат Неговите наредби и кои прават правда во секое време!
4 Спомни си за мене, Господи, според добрината кон Својот народ, посети ме со Своето спасение,
5 за да ја уживам среќата на Твоите избраници, за да се радувам со радоста на Твојот народ, за да се фалам со Твоето наследство.
6 Згрешивме како нашите татковци, правевме беззаконија, работевме безбожно.
7 Нашите татковци во Египет, незагрижени за Твоите чудеса, не си спомнуваа за Твојата голема милост, туку се побунија крај морето, крај Црвеното Море.
8 Но Тој ги избави заради Своето Име, за да ја покажеш Својата сила.
9 Му заповеда на Црвеното Море и тоа пресуши, ги преведе меѓу брановите како низ пустина.
10 Ги избави од рацете на нивните мразители, ги ослободи од рацете на душманите.
11 И водите ги покрија нивните непријатели, не остана ниеден од нив.
12 Тогаш поверуваа на Неговите зборови и Му пееја пофалби.
13 Но речиси ги заборавија Неговите дела, не се надеваа на Неговата волја.
14 Се полакомија многу во пустината, Го искушуваа Бога во осаменост.
15 И им даде што бараа, но им испрати треска во нивните души.
16 Му завидеа тогаш на Мојсеја, во логорот, на Арона, Господовиот светија.
17 Земјата се отвори и го голтна Датана, и ја покри Авироновата дружина.
18 Оган падна врз сета негова дружба и пламенот ги изгоре злотворите.
19 Направија теле во Хорив, му се поклонуваа на лик излеан од злато.
20 Ја заменија својата Слава со лик на бик, што јаде трева.
21 Го заборавија Бога, Спасителот свој; во Египет, правејќи знаци
22 и чудеса во Хамовата Земја, и стравотии при Црвеното Море.
23 Веќе намисли да ги сотре, но Мојсеј, Неговиот избраник, се зазеде за нив, за да Му го одврати гневот и да не ги уништи.
24 Ја презреа тие пожелуваната земја, не верувајќи Му на Неговото слово.
25 Роптаа под своите шатори, не го послушаа Господовиот глас.
26 Се заколна тогаш со крената рака: ќе ги покоси сите во пустината,
27 ќе го распрсне нивното поколение меѓу народите, ќе ги растури нив по земјата.
28 Му се посветија на Валфегора и јадоа жртви за мртвите.
29 Го предизвикаа со своите зли дела, и Тој фрли на нив помор.
30 Но стана Финес, и Го умилостиви, и поморот го снема тогаш.
31 Тоа му се засмета за заслуга, во сите поколенија довека.
32 Го разгневија пак кај Меривските Води, и зло го погоди Мојсеја заради нив,
33 зашто му го огорчија духот, изусти невнимателен збор.
34 И не ги истребија народите, за кои Господ им беше наредил.
35 Се измешаа со многубошците, ги научија нивните дела;
36 ги почитуваа нивните ликови, што им станаа стапица.
37 Им ги жртвуваа своите синови и своите ќерки на демоните.
38 Пролеваа невина крв, крвта на своите синови и ќерки, што ги жртвуваа на ханаанските ликови. Земјата беше онечистена од крв,
39 се извалкаа со своите дела, направија прељуба со своите зли дела.
40 Господ пламна со гнев на Неговиот народ, Му се згнаси Неговото наследство.
41 Ги предаде во рацете на многубошците, и нивните мразители управуваа над нив.
42 Непријателите ги измачуваа и ги угнетуваа со својата рака.
43 Ги избавуваше пречесто, ама Го разјарија со своите совети: беа покосени заради своите беззаконија.
44 Тој погледна пак на нивната неволја, кога ги чу нивните молитви
45 и се сети за Својот Завет со нив, се сожали на нив во Својата голема милост.
46 Направи да најдат милост кај оние, што ги пленија.
47 Спаси нè, Господи, наш Боже, и собери нè од безбожните народи, за да Го славиме Твоето свето Име, за да се фалиме со Твојата Слава.
48 Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, одвека довека! И сиот народ нека рече: „Амин! Алилуја!”