1 За началникот на пејачите. За Кореевите синови. Песна за Аламот. Господ ни е засолниште и тврдина, секогаш проверен помошник во неволја.
2 Затоа не се плашиме кога земјата се лулее, кога бреговите се рушат во морето.
3 Нека бучат и беснеат морските бранови, нека треперат планините од нивната жестокост:
4 Реката и нејзините струи го веселат Божјиот Град, пресветиот шатор на Сèвишниот.
5 Бог е сред него, нема да се разлулее; Бог му помага од првите мугри.
6 И да беснеат народите, и да се распаѓаат царствата, штом Неговиот глас загрми, земјата се растопува:
7 Господ на Воинствата е со нас, Јакововиот Бог е наша тврдина!
8 Дојдете, видете ги Господовите дела, какви чуда Тој направи на земјата:
9 Ги прекрати војните до крајот на земјата, ги крши лаковите и ги ломи копјата, ги изгорува колите со оган.
10 Молкнете и знајте дека Јас Сум Бог, возвишен над народите, возвишен над целата земја.
11 Господ на Воинствата е со нас, Јакововиот Бог е наша тврдина!