Псалми 36 MKB

1 За пејачки началник. Од Господовиот слуга Давид. Грешна замисла е во срцето на злосторникот, нема страв од Бога пред неговите очи.

2 Самиот си ласка во своите очи, додека не му се открие неговото беззаконие и го намрази.

3 Зборовите на неговата уста се измама и злодело, тој не се грижи повеќе за разумноста и доброто.

4 Смислува беззаконие на својата постела, останува на лош пат, не го мрази злото.

5 Господи, Твојата добрина е до небото, Твојата верност до облаците.

6 Твојата правда е како Божји врвови, Твоите судови како длабоко море; луѓе и животни избавуваш Ти, О Господи.

7 Колку е скапоцена Твојата милост, О Боже! Луѓето се засолнуваат под сенката на Твоите крилја.

8 Се наситуваат со мрсно во Твојот дом, Ти ги напојуваш од реката на Твоите сладости.

9 Во Тебе е изворот на животот, со Твојата светлина ние ја гледаме светлината.

10 Закрили ги со Својата милост сите, кои Те почитуваат, и со Својата праведност сите, кои имаат чисто срце.

11 Нека не ме згази ногата на гордиот и нека не ме гони раката на грешниот.

12 Таму паднаа, кои прават беззаконие, соборени се, и не ќе можат повеќе да станат.