Псалми 144 MKB

1 Давидов псалм. Благословен да биде Господ, мојата карпа, Кој ми ги учи рацете за бој, а прстите за војна.

2 Тој е моја љубов и моја тврдина, моја заштита, мој Избавител, мој штит зад кој се засолнувам; Тој ги покорува народите под моите нозе!

3 О Господи, што е човекот, за да обрнеш внимание кон него? Што е човечкото чедо, за да си спомнуваш за него?

4 Човекот е сличен на здивот, неговите денови исчезнуваат како сенка.

5 Господи, наведни ги Твоите небеса и слези, допри се до планините: и ќе се зачадат!

6 Светни со секавицата и распрсни ги, оптегни ги стрелите и збуни ги!

7 Испружи ја раката од висините, истргај ме и спаси ме од бескрајните води, од рацете на туѓите синови:

8 нивната уста зборува суета, а десницата им е десница на неправда.

9 Ќе Ти пеам, Боже, нова песна, ќе ти свирам псалтир со десет жици.

10 Ти им даваш победа на царевите, Ти, Кој го спаси Својот слуга Давид од лош меч!

11 Ослободи ме и избави од туѓински раце: нивната уста зборува лаги, а десницата им е десница на неправда.

12 Дај ни: нашите синови да бидат како билки, што растат од својата младост; а нашите ќерки како крајаголни столбови; убави како храмовите столбови.

13 Нашите житници да бидат полни, со секакви плодови во изобилство; нашите овци да се плодат со илјади, десетици илјади, да се плодат бескрајно по нашите полиња.

14 Нашиот добиток да биде згоен! Да нема пробој ни ропство, ни плач по нашите улици.

15 Блажен е оној народ, кој го има тоа; блажен е оној народ, кому Господ е Бог!