Псалми 139 MKB

1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Господи, ме согледуваш целиот и ме познаваш,

2 Ти знаеш кога седнувам и кога станувам, веќе оддалеку ги знаеш моите мисли.

3 Дали одам или лежам, Ти гледаш сè, познати ти се сите мои патишта.

4 Додека мојот збор уште не дошол до јазикот, а Ти, Господи, веќе сè знаеш.

5 Ти ме опфаќаш од плеќите и од лицето, Твојата рака ја стави врз мене.

6 Тоа знаење премногу е чудно за мене, превисоко е, за да можам да го стигнам.

7 Каде да одам од Твојот Дух и каде да побегнам од Твоето лице?

8 Ако се вознесам на небото: таму си, ако легнам во подземјето: и таму си.

9 Ако ги земам крилата на зората и се населам на крајот на морето,

10 и таму, Твојата рака ќе ме води, Твојата десница ќе ме држи.

11 Ако речам: „Нека ме скријат темнините, но дури и ноќта ќе биде како светло околу мене!”

12 Ни темнината за Тебе не ќе биде темна: ноќта свети како ден и темнината е како светлина.

13 Зашто Ти ги создаде моите бубрези, ме истка во мајчиното крило.

14 Ти благодарам што сум создаден толку чудесно, што се Твоите дела прекрасни. Мојата душа тоа добро го знае.

15 Моите коски не Ти беа скриени додека се создавав во тајност, ткаени во длабочината на земјата.

16 Твоите очи го видоа мојот зародишок, веќе сè беше запишано во Твојата книга; деновите ми беа одредени, уште додека не беше ниеден.

17 Колку ми се драгоцени Твоите науми, Боже, колку е непресметлив нивниот број.

18 Да ги бројам! Повеќе се од песок! Кога се будам, уште сум со Тебе!

19 Боже, истреби ги злотворите, нека отстапат од мене крволоците!

20 Зашто се бунтуваат подмолно против Тебе, напразно се подигаат Твоите непријатели.

21 Господи, зар да не ги мразам Твоите мразители? Зар да не ми се гадат Твоите противници?

22 Јас ги мразам со далабока омраза и ги сметам за свои непријатели.

23 Испитај ме целиот, Боже, запознај ми го срцето, испитај ме и запознај ги моите мисли:

24 Погледај да не одам по гибелен пат и поведи ме по вечниот пат!