Псалми 141 MKB

1 Давидов псалм. Господи, Те повикувам, побрзај кон мене! Послушај го мојот глас, со кого викам кон Тебе!

2 Нека се издигне мојата молитва како темјан пред Твоето лице, издигањето на моите раце нека биде као вечерна жртва!

3 Господи, постави стража на мојата уста, и стражари на вратата на моите усни!

4 Не оставај: моето срце да се приклони кон било каква злоба па да извршам нечесни дела; Да не се дружам со луѓе кои прават беззаконие, ниту да јадам од нивните вкусни јадења!

5 Нека ме удри само праведниот - љубов е што ме укорува, тоа е масло на мојата глава; На нивната злоба јас ќе се спротивам секогаш со мојата молитва.

6 Кога нивните судии ќе бидат фрлени низ карпите, ќе разберат колку слатки беа моите зборови.

7 Како кога орачот ја оре и ја цепи земјата, така ќе им бидат расфрлени коските на работ на Подземјето.

8 Господи, кон Тебе се свртени моите очи, на Тебе се надевам, не оставај да ми пропадне душата!

9 Чувај ме од стапицата што ми ја поставија, од примките на злосторниците!

10 Нека паднат нечесните во сопствените клопки, а јас да им избегам!