Псалми 95 MKB

1 Дојдете, да Му запееме на Господа, да Му воскликнуваме на Тврдината, на Својот Спасител!

2 Да застанеме пред Неговото лице со благодарности, да Му воскликнуваме со песни!

3 Зашто величествен е Господ, нашиот Бог, велик Цар над сите богови.

4 Во Неговите раце се земските длабочини, Негови се планинските височини.

5 Негово е морето, Тој го создаде, и копното, што го направија Неговите раце.

6 Дојдете, да се поклониме и да паднеме, да Му се поклониме на Бога, нашиот Создател.

7 Зашто Тој е наш Бог, а ние народ на Неговото пасиште, овци што Тој ги чува. О послушајте Му го гласот денес:

8 „Не бидете со тврди срца како во Мерива, како во денот кога Ме искушувавте во пустината,

9 кога вашите татковци Ме испитуваа, а иако ги видоа Моите дела.

10 Четириесет години ме јадосуваше тоа поколение, па реков: Народ се со непостојано срце, и не врват по Моите патишта.

11 Затоа се заколнав во Мојот гнев: Никогаш нема да влезат во Мојот покој!”