1 За началникот на пејачите. За Корееви синови. Псалм. Господ ја засака пак Својата земја, кон добро ја заврте Јакововата судбина.
2 Му ги прости беззаконијата на Својот народ, ги покри сите негови гревови.
3 Ја воздржа сета Своја лутина, се откажа од Својот распален гнев.
4 Обнови нè Боже, Спасителе наш, и отфрли ја зловолјата против нас!
5 Зар ќе се гневиш довека на нас! Преносувајќи ја Својата насрденост од род на род?
6 Зар нема да нè оживееш пак, за да се радува Твојот народ во Тебе?
7 Господи, покажи ни ја Својата милост и дај ни го Своето спасение.
8 Да го послушам тоа што ми зборува Господ Бог: зашто Тој ќе им зборува за мир: на својот народ, на Своите избраници, но нека не се свртат пак кон безумие.
9 Навистина, близу е Неговото спасение за оние што се бојат од Него, и Неговата слава ќе живее во нашата земја.
10 Љубовта и вистината ќе се состанат, правдата и мирот ќе се прегрнат.
11 Вистината ќе никнува од земјата, правдата ќе гледа од небесата.
12 Да, Господ ќе даде добро, а нашата земја својот плод.
13 Правдата ќе врви пред Него, и ќе направи пат за Неговите стапки.