Псалми 63 MKB

1 Давидов псалм, кога бил во Јудејска пустина. О Боже, Ти си мој Бог: горливо Те барам Тебе; Мојата душа жеднее по Тебе, моето тело копнее по Тебе, како сува, жедна и безводна земја.

2 Те согледував Тебе во Светилиштето, гледајќи Ти ја славата и силата.

3 Твојата љубов е подобра од животот, моите усни ќе Те слават.

4 Така ќе Те благословувам додека сум жив, во Твое име ќе ги кревам рацете.

5 Мојата душа ќе биде сита како од сало и масло, ќе Те фалам со радосни усни.

6 Си спомнувам за Тебе, во постелата, размислувам за Тебе во ноќните бдеења.

7 Ти ми стана помош, радосно извикувам во сенката на Твоите крилја.

8 Мојата душа се прилепува кон Тебе, Твојата рака ме потпира.

9 Оние што ја туркаат мојата душа кон пропаст, нека слезат во длабочините на земјата,

10 нека и бидат предадени на власта на мечот, нека станат плен на лисиците.

11 А царот ќе се весели во Бога; ќе биде фален секој, кој се колне во Него, зашто ќе им биде затната устата на оние што зборуваат невистина.