Псалми 41 MKB

1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Блазе му на оној кој мисли на бедниот, Господ ќе го спаси во ден на неволја!

2 Господ ќе го штити и ќе го запази жив, ќе му даде среќа на земјата, и нема да го предаде на волјата на непријателите.

3 Господ ќе го поткрепи на леглото при болест, болеста ќе му ја сврти во сила.

4 Јас реков: „Господи, смилувај ми се, исцели ми ја душата, зашто згрешив!”

5 Непријателите зборуваат зло за мене: „Кога ќе умре и кога ќе му го снема името?”

6 И ако дојде некој да ме посети, зборува со ласкање, собира злоба во своето срце, а надвор клевети.

7 Сите што ме мразат, шептат заедно за мене, измислуваат зло против мене:

8 „Лоша болест го кутна,” или: „Кога еднаш ќе легне, нема да стане.”

9 А и мојот пријател, во кого имав доверба, кој јадеше мој леб, ја крена петицата против мене.

10 Но Ти, Господи, смили ми се и крени ме, за да можам да им вратам.

11 По тоа ќе знам дека сум ти мил: бидејќи мојот непријател не ќе се весели над мене.

12 А мене ќе ме запазиш во мојата чесност, и ќе ме ставиш пред Твоето лице довека.

13 Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, од века до век! Така нека биде! Амин!