Псалми 38 MKB

1 Давидов псалм. Господи, не ме изобличувај во Твојата јарост и не ме казнувај во Твојот гнев.

2 Твоите стрели се закачија во мене, Твојата рака ме притисна тешко.

3 На моето тело нема ништо здраво заради Твојот гнев, од моите гревови нема мир за моите коски.

4 Зашто беззаконијата на мојата глава ме надвишија, ме притиснуваат како претешко бреме.

5 Моите рани смрдат и гнојат заради мојата безумност.

6 Се згрбавив и се собрав, постојано скитам натажен.

7 Зашто мојата внатрешност гори, и нема здравје во телото мое.

8 Исцрпен сум и сосем сотрен, офкам од плачот на моето срце.

9 О, Господи, сите мои желби се пред Тебе, и моите повици не Ти се скриени.

10 Моето срце удира силно, силата ме остава, и гасне светлината на очниот вид.

11 Пријателите и другарите се отстранија од моите рани, и моите најблиски стојат далеку.

12 Ми поставуваат стапици, оние кои ми го дебнат животот, кои ми сакаат несреќа, ми се закануваат со пропаст и секогаш смислуваат измама.

13 А јас сум како глув и ништо не слушам и како нем, уста не отворам.

14 Станав како човек што не слуша и кој нема одговор во устата.

15 Зашто, о, Господи, на Тебе се надевам, Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој!

16 Зашто реков: „Нека не се радуваат над мене; кога ногата ќе ми се сопне, нека не се креваат над мене!”

17 Зашто не пропаднав за малку, и мојата болка секогаш е пред мене.

18 Јас ги признавам своите беззаконија, и полн сум со жалост заради својот грев.

19 А кои се против мене, без причина силни се, и мнозина се што ме мразат неправедно.

20 За добро ми враќаат со зло, ми се противат дека го барам доброто.

21 О Господи, не ме оставај! Боже мој, не оддалечувај се од мене!

22 Побрзај ми на помош, Господи, Спасителу мој!