Псалми 65 MKB

1 За началник на пејачи. Давидов псалм за пеење. Боже, Тебе Ти припаѓа песна на Сион, пред Тебе се исполнува заветот -

2 Ти ја послушуваш молитвата. Секое тело доаѓа при Тебе.

3 Нашите гревови натежнаа, нашите престапи Ти ги очистуваш.

4 Блажен кого го избра и го зеде при Себе: тој живее во Твоите дворови. Да се наситиме со благата на Твојот дом и со светоста на Твојот Храм.

5 Чудесно нè услишуваш во Својата правда, о Боже, наше спасение, надеж на сите краишта на светот и на далечните мориња.

6 Ги утврдуваш планините со Својата јачина, препашан со сила.

7 Ги скротуваш: шумот на морето, шумот на брановите и вревата на народите.

8 Оние што живеат на крајот на земјата, се плашат од Твоите знаци; ги полниш со радост утрата и вечерите.

9 Ти ја посетуваш земјата и Ти ја напојуваш, ја збогатуваш неа многу. Божјата река се наполни со вода, Ти им обезбедуваш жито на луѓето. Вака ја подготви земјата:

10 и ги напојуваш браздите, и ги израмнуваш грутките; ја размекнуваш со дожд, и ги благословуваш посевите.

11 Ти ја овенча годината со Својата благост, плодност никнува зад Твоите стапалки.

12 Пустинските пасишта капат од изобилство, ридовите се препашуваат со радост.

13 Ливадите се китат со стада, долините се покриваат со жито; насекаде радосни воскликнувања, песна.