1 Молитва на Мојсеј, Божји човек. Господи, Ти ни беше засолниште од род до род.
2 Пред да се родат планините, пред да суштествуваат копното и земскиот круг, од век до век, Боже, Ти си!
3 Смртниците ги враќаш во прав и велиш: „Вратете се, човечки чеда!”
4 Зашто илјада години во Твоите очи се: како вчерашниот ден што помина и како ноќната стража.
5 Ги растеруваш како утрински сон, тие се како трева, што се зеленее:
6 наутро цвета и сета се зеленее, а навечер се суши и вене.
7 Навистина, Твојот гнев нè подјадува и нè збунува Твојата лутина.
8 Нашите гревови ги стави пред Твоите очи, нашите потајни беззаконија во светлината на Твоето лице.
9 Зашто сите наши денови минаа со Твој гнев, како воздишка ги завршивме своите години.
10 Збирот на нашиот живот е седумдесет години, ако сме силни, и осумдесет; а повеќето од нив се мака и ништожност: зашто минуваат брзо, и ние летаме оттука.
11 Кој ќе ја мери жестокоста на Твојот гнев? Кој ќе проникне во Твојата лутина?
12 Научи нè да ги броиме нашите дни, да придобиеме мудро срце.
13 Врати се при нас, Господи! Па до кога? Биди им милостив на Своите слуги!
14 Насити нè наутро, со Својата милост, за да се радуваме и да се веселиме во сите наши дни!
15 Зарадувај нè за дните кога нè бичуваше, за годините кога страдавме многу!
16 Нека се покаже Твоето дело врз Твоите слуги и Твојата слава врз нивните деца.
17 Нека биде над нас добрината на Господа, нашиот Бог; дај ни да успее делото на нашите раце; нека успее делото на нашите раце.