Псалми 33 MKB

1 Давидов псалм. Радувајте се праведници во Господа! на праведните им личи да Го прославуваат.

2 Славете Го Господа со харфа, величајте Го на псалтир со десет жици!

3 Запејте Му нова песна, со гласни извици придружувајте ги складните свирки.

4 Зашто Господовото Слово е право, и сите Негови дела се вистина.

5 Тој ги љуби правдата и правосудството, полна е земјата со Господовата милост.

6 Господовото Слово ги создаде небесата, и здивот на Неговата уста: целото нивно воинство.

7 Тој ја собира морската вода како во мев, и ги става бездните во сокровиште.

8 Нека се бои целата земја пред Господа, нека се бојат од Него сите жители на вселената!

9 Зашто Тој рече - и сè стана, нареди - и сè се утврди.

10 Господ ги осуетува намерите на народите, ги прави некорисни мислите на племињата,

11 Господовиот наум останува довека, и мислите на Неговото срце од род до род.

12 Блазе му на оној народ кому Господ е Бог, на народот што го избра за Свое наследство.

13 Господ набљудува од небесата и ги гледа сите човечки синови.

14 Од местото на Своето Живеалиште ги гледа сите жители на земјата;

15 Тој им ги создаде срцата на сите и внимава на сите нивни дела.

16 Многубројна војска не го спасува царот, голема сила не го спасува јунакот.

17 Празна е надежта за спасение на коњ, неговата јачина не избавува.

18 Ете, Господовото око е над оние кои се бојат од Него, над оние, кои се надеваат на Неговата милост:

19 дека ќе ја спаси нивната душа од смрт, и дека ќе ги храни во денови на глад.

20 Нашата душа се надева на Господа, Тој ни е помош и наш штит.

21 Наштето срце се радува во Него, ние се надеваме на Неговото свето име.

22 Нека Твојата милост, о Господи, биде над нас, според тоа како се надеваме на Тебе.