Псалми 29 MKB

1 Давидов псалм. (При завршување на Празник) Дајте Му на Господа, о Божји синови, дајте Му на Господа слава и сила!

2 Дајте Му ја на Господа славата на Неговото име, поклонете Му се на Господа во светата убавина!

3 Господовиот глас е над водите, Бог на славата грми, Господ е над многу води!

4 Господовиот глас е силен, Господовиот глас е величествен.

5 Господовиот глас ги крши кедрите, Господ ги крши ливанските кедри.

6 И скокаат од Него: Ливан како теле, а Сирион како младо биволче!

7 Господовиот глас цепи пламени секавици,

8 Господовиот глас ја растресува пустината, Господ ја растресува пустината Кадис.

9 Господовиот глас прави кошутите да се осрнат, и ги разголува горите; и во храмот Негов секој вели: „Слава!”

10 Господ царува над водните бранови, Господ седи на престолот како Цар засекогаш!

11 Господ му дава сила на Својот народ, Господ го благословува Својот народ со мир.