Псалми 76 MKB

1 За началник на пејачи. На жичани свиралки. Асафов псалм. Песна. Бог е познат во Јудеја, Неговото име е величествено во Израел!

2 Неговото живеалиште е во Салим, а престојувалиштето на Сион.

3 Тој ги искрши таму: огнените стрели на лаковите, штитовите, мечевите, и оружјето бојно.

4 Блескав си од светлина, повеличествен од древните планини.

5 Ограбени се оние што имаа тврдо срце, и го сонуваат својот сон - им онемоштија рацете на сите храбри.

6 Од Твојата закана, Боже Јаковов, се скаменија колите и коњите.

7 Ти си страшен, и кој може да опстане пред жестокоста на Твојот гнев?

8 Ја изрече пресудата од небото, земјата се стресе и занеме од страв;

9 кога Бог стана да суди, да ги спаси кротките на земјата.

10 Зашто ќе Те прославува и бесот на човекот и со остатокот на бесот Ти се завиткуваш.

11 Заветувајте се и исполнувајте ги заветите на Господа, вашиот Бог; сите, околу Него, нека му донесуваат дарови на Достојнопочитуваниот.

12 Кој ја зауздува гордоста на кнезовите, Кој е страшен за царевите на земјата.