Псалми 31 MKB

1 За првиот певец. Давидов псалм.(Во време на неволја) На Тебе се надевам, Господи, да не се засрамам никогаш: Избави ме според Својата правда!

2 Приклони го кон мене Своето уво, побрзај да ме ослободиш! Биди ми цврста карпа на заштитата, тврдина на спасението.

3 Зашто Ти си моја карпа, моја тврдина, заради Твоето име води ме и управувај ме.

4 Извлечи ме од мрежата што ми ја поставија тајно, зашто Ти си моја крепост.

5 Во Твојата рака го предавам мојот дух; Ти ме откупи, Господи, Боже на вистината.

6 Ги мразам оние што ги почитуваат суетните идоли, а јас се надевам на Господа.

7 Ќе се радувам и ќе се веселам во Твојата милост; зашто Ти ја виде мојата неволја, ја позна тагата на мојата душа

8 и не ме предаде во рацете на непријателите, ги изведе моите нозе на широк пат.

9 Смили ми се, Господи, зашто сум на тесно, од тага ми слабеат окото, душата и телото.

10 Мојот живот се троши во горчила, а моите години во воздишки. Силата ми се исцрпи во мака, а моите коски изнемоштеа.

11 На сите свои противници им станав понижување, за потсмев на своите соседи и страшило за познатите; кои ме гледаа надвор, бегаа од мене.

12 Бев заборавен во срцето, како покојник, станав скршен сад.

13 Слушам шепотење на мнозина, ужас отсекаде: се договараат против мене и смислуваат како да ми го одземат животот.

14 А јас, Господи, на Тебе се надевам, велам: „Ти си мој Бог!”

15 Моите денови се во Твојата рака: избави ме од раката на моите непријатели и од оние кои ме гонат.

16 Нека светне Твоето лице на Твојот слуга, спаси ме со Твојата милост.

17 Господи, да не се засрамам дека Те повикав; нека се засрамат нечесните; нека молкнат во Подземјето.

18 Нека онемат лажливите усни, што против праведникот зборуваат дрско, горделиво и презирно.

19 О колку е голема Твојата добрина, што ја чуваш за оние, кои се бојат од Тебе, што им ја укажуваш на оние, кои се надеваат на Тебе, пред очите на човечките чеда.

20 Ги засолнуваш под штитот на Своето лице од човечките завери; ги криеш во Својот шатор од зајадливи јазици.

21 Благословен да е Господ, зашто ми ја јави својата чудесна милост, во утврдениот град.

22 Веќе помислував, во својата тревога: „Отфрлен сум од Твојот поглед.” Но Ти го чу гласот на мојата молба, кога Те повикав.

23 Љубете Го Господа сите Негови свети; Господ ги чува Своите верни, а според заслугата им враќа на оние, кои постапуваат гордо.

24 Бидете храбри и Тој ќе ви ги укрепи срцата, сите, кои се надевате на Господа!