Псалми 109 MKB

1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Боже, моја славо, не молчи!

2 Безбожничка и измамлива уста се отвори против мене, зборува со лажлив јазик,

3 ме опкружува со зборови на омраза, ме напаѓа без причини.

4 Тие ме оптужуваат за мојата љубов, а јас само се молам.

5 Ми враќаат зло за добро, омраза за мојата љубов.

6 Крени го безбожникот против него и тужителот нека му застане оддесно!

7 Кога ќе му се суди, нека биде осуден, и молитвата да му се земе за грев!

8 Неговите денови нека бидат малубројни, неговата служба нека ја добие друг!

9 Неговите деца нека останат сираци, а неговата жена вдовица!

10 Неговите деца нека бидат скитници, просјаци, нека бидат исфрлени од опустени домови!

11 Заемодавачот нека му го присвои сиот имот, туѓинците нека го разграбаат плодот на неговата мака!

12 Никој нека нема сомилост кон него, никој да не им се смилува на неговите сираци!

13 Нека му се затре потомството, во второ колено нека згасне неговото име!

14 Да си спомнува Господ за неговите гревови, и гревот на мајка му нека не биде избришан:

15 нека бидат секогаш пред очите на Господа! Нека се избрише нивниот спомен од земјата;

16 зашто не се сети да прави милостина, туку ги гонеше бедните и немоќните и го тераше во смрт човекот со разбиено срце.

17 Го сакаше проклетството, па нека го стигне, не сакаше благослов, нека е далеку од него!

18 Нека се облече со проклетство како со облека, нека влезе во него како вода, и како масло во неговите коски.

19 Да му биде облека со која се покрива, појас со кој се препашува секогаш!

20 Така нека им плати Господ на моите тужители, што зборуваат зло против мојата душа!

21 А Ти, Боже Господи, заземи се за мене, заради Своето Име, спаси ме, зашто е милостива Твојата љубов!

22 Зашто сум беден и сиромашен, и моето срце е рането во мене.

23 Јас исчезнувам како сенката што превалува, ме гонат како скакулец.

24 Колената ми се изнемоштени од пост и моето тело ослабе, без масло.

25 Им станав ним за укор, мрдаат со главата кога ќе ме видат.

26 Помогни ми, Господи, Боже мој, спаси ме според Твојата добрина!

27 Нека знаат дека ова е Твојата рака и дека Ти, Господи, го направи тоа.

28 Тие нека колнат, Ти благословувај; нека се засрамат, кои се креваат против мене, а Твојот слуга нека се радува!

29 Нека се облечат со срам моите тужители, и со засраменост нека се покријат како со покривало!

30 Ќе Го славам Господа со сета уста и ќе Го фалам во големо мноштво,

31 зашто стои оддесно на сиромашниот, за да му ја спаси душата од судиите.