Псалми 42 MKB

1 За началникот на пејачите. Учење за Кореевите синови. Како што кошутата жеднее за изворните води, така мојата душа копнее по Тебе, Господи.

2 Жедна е мојата душа за Бога, за живиот Бог: О кога ќе дојдам и кога ќе го гледам Божјото лице?

3 Солзите ми се храна дење и ноќе, додека тие постојано ме прашуваат: „Каде е Твојот Бог?”

4 Мојата душа се излева кога си спомнувам: како чекорев во мноштвото, предводувајќи ги кон Божјиот дом, со глас на радост и песни во свечена врвулица.

5 Зошто си ми, душо изнемоштена и зошто си жалосна во мене? Надевај се на Бога, зашто пак ќе Го славам моето спасение, мојот Бог!

6 Душата тагува во мене, затоа си спомнувам за Тебе, од земјата Јордан и Ермон, од гората Мисар.

7 Бездната повикува бездна со шумот на Твоите водопади; сите Твои води и бранови поминаа преку мене.

8 Дење, нека ми ја додели Господ Својата милост, а ноќе, ќе Го фалам, со молитвена песна, Бога на мојот живот.

9 Ќе му речам на Бога: „Стено моја, зошто ме забораваш? зошто обиколувам нажален, притиснат од непријателите?”

10 Коските ми се кршат од подигравката на непријателите, додека тие постојано ме прашуваат: „Каде е твојот Бог?”

11 Зошто си ми душо изнемоштена и зошто си жалосна во мене? Надевај се на Бога зашто пак ќе го славам мојот Спасител, мојот Бог!