Псалми 2 MKB

1 Зошто се бунат народите, зошто племињата замислуваат суети?

2 Земските цареви стануваат и кнезовите се собираат против Господа и против Неговиот Помазаник:

3 „Да ги скинеме нивните окови и да го отфрлиме нивниот јарем.”

4 Оној, што живее на небесата, им се смее, Господ им се потсмевнува.

5 Тогаш ќе им рече во Својот гнев, и со Својата јарост ќе ги збуни:

6 „Јас го поставив Мојот Цар над Сион, на Мојата Света Гора.”

7 „Ја објавувам Господовата одлука: Тој ми рече: *Ти си Мој Син, Јас те родив денес.

8 Побарај од Мене, и ќе ти ги дадам народите во наследство и земските краишта во сопственост.

9 Ќе владееш со нив со железен жезал и ќе ги скршиш како грнчарски сад.*”

10 Вразумете се сега, вие цареви; научете се земски судии!

11 Служете Му на Господа со страв, радувајте Му се со трепет.

12 Целувајте Го Синот, за да не се разгневи и да не загинете патем, зашто скоро ќе пламне Неговиот гнев. Блажени се сите кои се засолнуваат при Него!