1 За началник на пејачи, по Едутуна. Давидов псалм. Душо моја, мирот е само во Бога, спасението е само во Него.
2 Само Тој е моја заштита и спасение, Тврдина моја: нема да се поколебам.
3 До кога ќе се нафрлате врз бедниот, за да го сотрете сите заедно, како разурнат ѕид или навалена ограда?
4 Се заверија да ме фрлат од мојата висина, уживаат во лага; благословуваат со устата, а колнат со срцето.
5 Душо моја, мирот е само во Бога, мојата надеж е само на Него.
6 Само Тој е моја заштита и спасение, Тврдина моја: нема да се поколебам.
7 Во Бога е моето спасение и слава; Бог ми е силна карпа и прибежиште.
8 Надевај се на Него, народе, во секое време, излевајте ги срцата пред Него: Бог е наше засолниште!
9 Синовите на луѓето се суетни, лага се човечките синови: Сите да застанат на мерилка, ќе бидат полесни од суетата.
10 Не се надевајте на насилие, ниту се фалите суетно со ограбеното; ако ви се зголеми богатството, вашето срце нека не се прилепи кон него.
11 Бог рече едно, а јас чув две: „Силата е во Бога!”
12 Господи, во Тебе е добрината! Ти му враќаш секому според делата.